Песните се извадок од најновата стохозбирка-Мртви Сенки на Мртва Стража-
Гневен осаменик
Иловице,црнејце,црвенејце
Хумка нова ли прават ветриштата диви
Ете таму
Под жилав даб со брада стогодишна
Перуника семе ли фрлаат врапците
Подолу три стапки само
Немите воденици кругот на заборавот го затвораат
Суровото минато ги брише патеките изодени
Каменот паметник ноќва ли го раѓаш така
Од бигор црн ли е створен
Мртви сенки на мртва стража околу постави
И долгозаби пцишта аберџии да бидат
Летната месечина не те радува веќе
Не ја мамат воздишките жешки
Таговно ги мели патилата свои
Миленикот твој
Безгласен е сега и со сув душник
Прашина очите му ги затвори
Својата тага ја врза во далечен спомен
Сплете за себе сребрена пајажина
Наметка заштитничка да му биде од заборавот
Евего
Со атот црн аветник во галоп ита
Стрела со поглед
Пее со јазик неразбирлив
Ита ли ита
Гневен осаменик
Гостинот на иловицата црнејцата црвенејцата.
Меѓи Ѕвезди и Пеперутки
Мина бран кобна тишина
Одлета бела птица преселница
Се откина душа страдалничка од гнило месо.
Несватлива смеа од злобник одекна
Безличните сенки го потикнаа
За недоречениот стих што го прекинаа
Скаменет ковчег сурна суводолица
Со врата од мов зелена накитена
Збеснат пењав ѓавол ја чува
Згуснати збиени снегулки пишуваат небесна вистина
Мразови пукаат непокорени спили
Огниште ноќва згасна пепел го пркри
Усна молитва низ стисната дланка излета
Умирам судбино меѓу ѕвезди и пеперутки
Ететиго таму трупот ладен.
Никодин Чернодримски 2009
